„Вклучувањето на бугарското малцинство во Преамбулата на уставот е дел од преговарачката рамка, што Македонија ја склучи со 27 земји-членки на Европската Унија. Така што овој чекор во преговарачката рамка е одреден и самата преговарачка рамка е утврдена.
Тоа значи дека надвор од оваа преговарачка рамка не може да има нови услови, и дека следниот чекор служи за отворање на пристапни преговори и е многу јасно дефиниран.
Ова за „Трилинг“ вчера го изјави германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер.
Како што рече, тоа што е утврдено во оваа преговарачка рамка е најдобрата гаранција дека не може да има нови услови.
„Понатамошните чекори во правец на ЕУ ќе зависат од напредокот, од спроведувањето на реформите, реформите во областа на правосудството, јавната администрација, ефикасната борба против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на демократските институции, зајакнување на правната држава.
Сето тоа е во рацете на Северна Македонија и таа може да го одреди темпото за следните чекори“, вели амбасадорката Петра Дрекслер.






