Канцеларката Ангела Меркел соопшти дека за уште еден месец ќе ги продолжи ограничувањата и воведува некои построги мерки за време на петте дена од Велигденските празници, во обид да се запре ширењето на коронавирусот.



Повеќето продавници, додаде германската канцеларка, ќе бидат затворени, а верските служби ќе бидат откажани за Велигденскиот викенд, од 1 до 5 април. Собирите, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети од 1 до 5 април, а само продавниците за храна можат да бидат отворени на 3 април.

Во изјавата по маратонскиот видео-разговор со 16-те гувернери на германските покраини,Меркел кажа дека ограничувањата што беа воведени до 28 март, ќе останат на сила до 18 април.

-Така да кажеме , ние имаме нова пандемија. Имаме суштински нов вирус, се разбира од ист тип, но со сосема различни карактеристики, многу посмртоносен, многу поинфективен и заразен на подолг период, рече Меркел.

Во Германија, до овој момент со првата доза вакцинирани се само околу девет проценти од населението, а четири проценти ги примиле двете дози.

Меркел додаде дека дека ги поддржува напорите на Европската комисија да се блокира испораката на вакцини и компоненти за вакцини од ЕУ со цел да се обезбеди исполнување на претходно договорената достава до Унијата, наведувајќи ги проблемите со снабдувањето со вакцините на „АстраЗенека“.