Германија уапси службеник на амбасадата на Обединетото Кралство под сомнение дека им предавал доверливи документи на припадници на руската разузнавачка служба, откри во средата Федералното обвинителство, објави Би-би-си.
Канцеларијата и станот на Дејвид С. биле претресени,а тој треба да биде изведен пред суд во текот на денот.
Според обвинителите, Британецот добил „неодреден износ“ во замена за информации.
„Пред апсењето, Дејвид С. работел во Британската амбасада во Берлин. Тој најмалку еднаш препратил документи добиени како дел од неговите професионални активности до претставник на руските служби. Во замена за информации, обвинетиот добил пари”.
Според првичните податоци, тој соработува со странската разузнавачка служба од ноември 2020 година. Апсењето е извршено на 10 август во градот Потсдам (Бранденбург).
Притворот, како што е наведено во Канцеларијата на јавниот обвинител, е резултат на заедничка истрага на германските и британските власти.







