На Германија ѝ требаат 400.000 имигранти годишно за да успеат да одржат постојан број на луѓе вработени на пазарот на трудот, објави во вторникот Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ).



Поради демографските промени, бројот на вработени постојано се намалува и покрај мерките како зголемената вклученост на жените во пазарот на труд и зголемената возрасна граница за пензионирање, бројот на вработени ќе падне од сегашните 47 на 44 милиони луѓе до 2035 година, се вели во соопштението.

Оваа пресметка ја вклучува и претпоставката дека годишно на германскиот пазар на труд влегуваат 100.000 имигранти. Експертите од ИАБ, која работи во рамките на Федералната агенција за вработување, зборуваат за бројка од најмалку 400.000 имигранти, кои би биле неопходни за да се задржи бројот на вработени на пазарот на трудот.

Доколку имиграцијата остане на исто ниво како пред пандемијата, тоа нема да биде доволно за опстанок на постојан број вработени на германскиот пазар на труд, изјави Јохан Фукс, еден од авторите на студијата на ИАБ.

Од 1ви март 2020 година, во Германија е на сила закон кој треба да го олесни доаѓањето на квалификуваната работна сила од земји кои не се членки на Европската Унија. И покрај ова, многу претприемачи не сакаат да бараат работници од странство. 

Повеќе