Германските власти  имаат намера да побараат од САД да ги ослободи германските компании од учество во санкциите против Русија, пишува американскиот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на свои извори.



Весникот наведува дека за време на посетата на Вашингтон, германскиот министер за финансии Олаф Шолц планира да обезбеди специјални услови за германскиот бизнис околу прашањето за санкциите против Русија. Покрај тоа, германската канцеларка Ангела Меркел требало да го покрене ова прашање на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ќе се одржи кон крајот на април.

Весникот забележува дека овој пристап е лобирање за германските индустриски гиганти, како  „Сименс“,„”Дајмлер“ и „Фолксваген“, кои имаат бизнис во Русија и не сакаат да станат жртви на влошените односи меѓу Москва и Вашингтон. Според шефовите на германските компании, новите американски санкции против Русија може да ја чинат Германија стотици милиони евра.

На почетокот на април, САД воведоа нови санкции против Русија. Голем број руски олигарси и компании контролирани од нив, беа ставени на листата на санкции. Меѓу нив се Олег Дерипаска, Виктор Вакселберг и неговата група „Ренова“, Кирил Шамалов, Сулејман Керимов, шефот на „Газпром“ Алексеј Милер…потсетува БГНЕС.