Германија и официјално во рецесија, секој Германец должи по 13.065 евра

Германија официјално влезе во рецесија и достигна рекордно ниво на долг. Според економистите објаснувањето е едноставно и важи за цела Европа. Од најсилната европска економија веќе некое време пристигнуваат лоши вести. Падот на побарувачката и производството, условени од светските економски околности и кризата, ја доведоа и Германија во ситуација да има проблеми во индустријата и државните финансии. И иако оваа економија е сè уште над многу други и сигурно ќе биде модел за многумина во иднина, последните статистики не покажуваат многу добри резултати. Рецесија, јавен долг, отпуштања… се само некои показатели кои говорат во прилог на ова.



Банкротите се некако збор што ја одбележа германската економија во последно време. Само во последните неколку месеци беа затворени над 700 филијали, а повеќе од 3.000 работници останаа без работа. Неколку индустрии се на удар, а експертите имаат јасен одговор кога ќе ги прашате зошто. Тие ја споменуваат зголемената инфлација, војната во Украина, но и целата криза во светот.

Модниот синџир Гери Вебер е на листата на најнови промашувања.

Германската економија, но и целата ЕУ трпеше штета за време на Ковид, а особено по почетокот на војната во Украина. Така, објаснувањето сега е исклучително едноставно. Сега Германија ја плаќа цената на она што се случува во Украина, па банкротите се најголемата последица. Европа загуби голем дел од домашната индустрија и голем број фабрики отидоа на исток. Тие дојдоа во ситуација да немаат многу свои домашни фабрики, зависни се од светот, а светот е изложен на огромен ризик – велат економистите.

Деновиве беше објавено и дека германската економија никогаш немала толку високо ниво на долг. Во првиот квартал долгот е зголемен за 1,6 отсто, на повеќе од 2.406 милијарди евра. Споредено со крајот на 2022 година, ова е зголемување од 1,6 отсто, објави германската федерална статистичка служба Дестатис.

Во просек долгот по жител на Германија е 13.065 евра. Северна Рајна Вестфалија има најголем долг – но и најмногу жители. Сега има зголемување на долгот од околу три отсто, на вкупно 236 милиони евра. Во првиот квартал од 2023 година, германската економија падна за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал. Падот е забележан и во претходниот квартал, а негативниот економски раст во два последователни квартали е знак за рецесија. Во исто време, падот беше значително поголем од очекувањата на пазарот.

Генерално, во Германија имаше пад на потрошувачката и затоа беше удар за производството и економијата. Практично, слабеењето на економијата е причина за падот на приватната потрошувачка, бидејќи германските домаќинства трошеле помалку на храна, пијалоци, облека и обувки, како и мебел, а овој сегмент бележи пад од 1,2 отсто во однос на претходниот квартал.