ГЕРБ освои 75, „Има таков народ“ на Трифонов со 51 пратеник во парламентот

Централната изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарни избори во Бугарија, одржани на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија.



Според нив, партијата на премиерот на Бугарија Бојко Борисов ГЕРБ ќе има 75 пратеници во новиот парламент, „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ-презентер Слави Трифонов – 51, БСП – 43, Движење за права и слободи – 30, „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов – 27, „Исправи се!“ на поранешниот Народен правобранител на Бугарија Маја Манолова – 14.

Според конечните податоци, 837.707 лица гласале за ГЕРБ, што е 31,25% од реалните гласови.

За “Има таков народ” гласале 565.014 луѓе или 21,25%, за БСП – 480.146 лица или 17,92%, за ДПС – 336.306 или 12,50%, за Демократска Бугарија – 302.280 лица или 11,25%, за “Исправи се Мутри надвор“ – 150.940 лица или 5,83%.

На гласањето учествуваа 3.334.283 гласачи од вкупно 6.789.605 со право на глас.