
Централно-десничарската партија ГЕРБ на екс-премиерот Бојко Борисов задржа мала предност пред антиелитистичката групација „Има таков народ“ на Слави Трифонов, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 11 јули, покажуваат анкетите.
Бугарите повторно ќе гласаат откако изборите на 4 април резултираа во ќор-сокак на парламентот, кој не успеа да произведе влада.
Претседателот Румен Радев назначи привремен Кабинет до предвремените во јули.
ГЕРБ доминираше во бугарската политика во најголем дел од изминатата деценија, а партијата на Бојко Борисов останува најпопуларна партија со 22,8% поддршка, покажа анкетата на јавното мислење од софиска Галуп Интернешнл.
Новоформираната партија ИТН (Има таков народ) на популарниот водител на телевизиски водител Слави Трифонов има 20,1% поддршка, наспроти 17,7% од анкетата во април.
ГЕРБ, според анкетите е единствената партија чија поддршка опадна по изборите во април, кога освои 26,2%, покажува истражувањето, спроведено од 7 до 14 мај.
ГЕРБ освои најмногу гласови на изборите во април, но недоволно за самостојно управување, а другите партии одбија да влезат во коалиција со неа во услови на широко распространет јавен гнев за корупција на високо ниво во најсиромашната земја членка на Европската унија.






