Иницијативата за конфискација на дивоградби денескја до ЗЕЛС поднесе градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„ Наместо да трошиме пари од Буџетот за рушење, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи.
По конфискација, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните“, објави на Фејсбук Гертасимовски.
„Оваа измена би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби. Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија чие рушење чини стотици илјади евра. Време е да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство“, напиша градоначалникот.
Дивоградбите се еден од најголемите проблеми во Скопје, со кои и покрај заложбите ниедна општина до сега не успеала да се справи, затоа што ги има насекаде и секојдневно никнуваат нови, пишува Слободен печат.
Општините во своите буџети годишно издвојуваат стотици илјади евра наменети за уривање на дивоградби, зашто уривањето е скап зафат, особено кога инвеститорот е непознат, па трошокот паѓа на сметка на локалната власт, односно кога за тоа се трошат пари на граѓаните, како што е случајот со дивоградбата на Пластичарска.







