По својата приватна посета на Софија и средба со бугарски претставници екс премиерот Љубчо Георгиевски вината за нарушените односи меѓу Македонија и Бугарија ја лоцира во нашата земја.
“Длабоката држава” во Македонија ги урива односите меѓу двете земји. Таа гради омраза и непочит кон Бугарија. Во неа учествуваат професори, новинари, оперативци на националните служби за безбедност. Во суштина тие не се Македонци”, вели Георгиевски за агенцијата БГНЕС.
Според екс премиерот од бугарска страна никој не сака промена на уставот на Македонија и нов договор. Тоа Георгиевски го чул лично од бугарските политичари.
Според него тие само сакале исполнување на договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на комисијата за историја.
” Македонците треба да научат за убиствата и теророт по 1945 година. Не е нормално во земјата да има улици кои носат имиња на лица кои убивале Македонци”, вели Георгиевски.
“Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев и неговата желба за пријателство со Бугарија”, вели Георгиевски кој чул дека во Македонија биле запрени бугарски инвестиции и големи проекти и бара Борисов и Заев да тргнат кон вистинско приближување.
Според него бугарското вето ќе предизвика голема штета за двете држави и ќе ги мобилизира просрпските сили во Македонија.





