Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски во едноиполчасовно видео на својот профил на Фејсбук застана во одбрана на претседателот на Владата, Зоран Заев, кој најави бришење на „бугарски“ од „фашистички окупатор“ на спомениците и во учебниците.
„Ако така се лепат етнички со идеолошки етикети, без сомнение на бугарскиот народ може многу повеќе да му се залепи етикета дека е комунистички настроен отколку фашистички. Ние забораваме дека меѓу двете светски војни БКП е една од најрадикалните и најактивни комунистички партии. Во 1923 година БКП организира комунистичко востание. Во 1925 година во Бугарија е направен најголемиот комунистички атентат – во црквата „Света Недела“. А да не заборавиме и дека меѓу главните лидери на Коминтерната над 20 години се двајца бугарски комунисти – Васил Коларов и Георги Димитров“, вели Георгиевски во видеото насловено „Македонија во Втората светска војна“.
Лидерот на ВМРО-Народна партија додава дека во денешно време одвај дали има држава во светот на која ѝ се лепи етикетата „фашистичка“.
„Насекаде етничката компонента на фашизмот се остава настрана. На пример, во Франција, кога станува збор за агресијата од Германија, се зборува за хитлерови фашисти и не се употребува зборот Германци“, вели тој, префрлајќи ја топката и на српски терен.
„Како, пак, еден не напиша дека пред ‘бугарската фашистичка окупација’ имаше 23 години српска окупација во Југославија, занданата на народите, во којашто ние бевме Вардарска Бановина, бевме Јужносрбијанци?“, прашува Георгиевски во видео-обраќањето на следниот линк:






