Генсекот на Алтернатива Ибрахими: Ако ВМРО ДПМНЕ бара Влада без Албанци, ќе најде Асоцијација на „албански општини“ без Македонци!

„Албанците од Западниот Балкан нема да седат со скрстени раце. Ако Србија инсистира на етничката српска  Асоцијација во Косово, тогаш Албанците ќе бараат таква Асоцијација и во Србија, а зошто да не и во * Македонија. Асоцијацијата на албански општини во * Македонија не е замена на другите права, кои ги имаат Албанците во оваа  држава, туку нивно надополнување и унапредување. Оваа асоцијација не мора задолжително и нужно да значи физички и географски врски меѓу албанските општини.Ако ВМРО ДПМНЕ продолжи да посакува Влада без Албанци, тогаш може да најде Асоцијација на албански општини без Македонци!“  – вели Зеќирија Ибрахими, генералниот секретар на албанската партија Алтернатива, во својата колумна со наслов „Асоцијација на асоцијациите“, објавена во ревијата на албански јазик „Шења“, која ја пренесуваат информативната агенција ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија и регионот. Зеќирија Ибахими е и доктор по филолошки науки и е вработен како научен советник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.



Три читања на Асоцијацијата

Продолжувајќи да ја „турка“ својата иницијатива за основање Асоцијација на „албански општини во Македонија, покрај другото, во колумната Ибрахими пишува: Ваков ‘поздрав’ им беше испратен и на претставниците на меѓународната заедница: „Ако во една чисто граѓанска држава, како што е Косово, се дозволи едноетничка српска единица, тогаш ова ќе има домино-ефект.“ Ова беше ‘поздрав’ и за Владата на * Македонија, за да се изјасни за Српската Асоцијација во Косово, да не биде индиферентна. Министерот за надворешни работи и премиерот, но зошто да не и другите учесници во Владата, треба да кажат на концизен начин: дали се за Асоцијацијата на српски општини во Косово? Тие можат да се прават индиферентни и наглуви, но молчењето не го отстранува проблемот.

Второто читање на предлогот за ваква Асоцијација се однесуваше на македонските партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Пораката за ВМРО ДПМНЕ, која деновиве побара ‘Влада без Албанци’, беше дека не смее повеќе да ги споменува слоганите од времето на Груевски. Бидејќи, кој посакува Влада без Албанци, може да најде Асоцијација на албански општини без Албанци! Затоа, бидете внимателни! Ако ВМРО ДПМНЕ посакува Влада без Албанци, а СДСМ ги смета албанските партии како брод, за да ја премине реката и потоа да прејдат на едра, тогаш треба да знаат декаАлбанците полека ја губат довербата во можните партнерства со македонските партии. Ако се загуби довербата, тогаш секој ќе почне веќе да си ги гледа своите работи.

Третото читање се однесува на децентрализацијата. Ако Уставот и Законот за локална самоуправа не го забрануваат создавањето заедници на општини врз каков било нивен локален интерес и во ситуација кога албанските општини се парализирани во отсуство на вистинска децентрализација – тогаш задолжително доаѓа темата за една заедница на албански општини.

Во * Македонија и по 20 години од последната територијална поделба се уште не функционира фискалната децентрализација. Со неправедната поделба некои албански општини, како што се Липково, Студеничани, Чаир, Чашка, Струга и други беа осакатени и беа оставени без ниеден развоен ресурс. И покрај тоа што европската практика препорачува власта да биде колку е можно поблиску до граѓанинот и единиците на локална самоуправа да управуваат со јавните финансии, кај нас и по 20 години од усвојувањето на законот затериторијална поделба многу општини се соочуваат со долгови и блокирани банкарски сметки, поради што не успеваат да преживеат.

* Македонија е најцентрализираната земја во Европа, во која само 4,8 отсто од данокот на додадена вредност  оди за локалните приходи на општините. Недостигот на децентрализација, недостигот на капитални инвестиции во албанските општини, неспроведувањето на Законот за еднаков регионален развој и етничката  дискриминација кон албанските општини е причината зошто постојат албански општини, кои немаат пожарникари, немаат екипа за прва помош, немаат пари ниту за неколку метри асфалт, ниту за водоснабдување и канализација, ниту за училишта со современи стандарди.

Се додека ќе имаме таква состојба, Асоцијацијата на албански општини, која ја предложивме, ќе помогне албанските општини да создадат заеднички буџет во рамки на Асоцијацијата и така да си помагаат меѓусебно во кревањето на квалитетот и стандардот на живеењето на граѓаните. 

Оваа асоцијација заснована врз оваа идеја не мора задолжително и нужно да значи физички и географски врски меѓу албанските општини. На пример, општината Желино  може да создаде Асоцијација на албански општини со општините Чаир, Липково и Струга според примерот на Заедницата на единици на локална самоуправа на * Македонија, реализирајќи заеднички проекти за нивната локална инфраструктура.

Ако не им се допаѓа таквото име, тие можат да ја наречат таквата Асоцијација и поинаку, но важно е што ќе се создава благосостојба за граѓаните во односните општини, опфатени со таа Асоцијација. Асоцијацијата на албански општини во * Македонија не е замена на другите права, кои ги имаат Албанците во оваа  држава, туку нивно надополнување и унапредување.