Генсекот на Алијансата: Бродот на СДСМ ќе потоне сосе новиот лидер – во 2022 ќе има нови избори

„Вечерва во дебатниот магазин ‘Клик Плус’ на ТВ21 Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, истакна дека ‘бродот на СДСМ тоне’. Таравари кажа оти ’тој ќе потоне со новиот лидер.“ – јави ТВ 21.

На својот интернет – портал ТВ 21 пишува: „Во СДСМ има сериозни проблеми, внатре во партијата. Незадоволството таму е големо. Заев вети многу, ништо не реализираше. Затоа и бега. СДСМ во моментот тоне, а ќе потоне со новиот лидер. Новиот лидер нема да може да ја одржи стабилноста на Владата. Новиот лидер нема да може ги координира коалициските партнери, кои имаат договор со Заев, а не со новиот лидер. Ова мнозинство нема да трае многу. Во 2022 година ќе има избори повторно.’ – истакна Таравари.“

„Тој изнесе дека со ВМРО-ДПМНЕ имале добра соработка на локалните избори. ‘Можеби соработката со нив и придонесе да ги добиеме трите општини’ – додаде Таравари во ‘Клик Плус.“

„Генералниот секретар на Алијансата на Албанците Таравари во емисијата ‘Клик Плус’ на ТВ21 говореше како течеле разговорите за собирање потписи за уривање на Владата: ‘Тој ден, во четвртокот, имавме 61 пратеник без Левица. Ова ви го гарантирам. Имаше уште двајца пратеници, кои не можам да ги кажам со имиња. Еден ден пред тоа Кастриот Реџепи ми рече: Час поскоро да падне оваа Влада’. Сите видовме што се случи во четвртокот. Не овозможија да има дебата, па после гласање. Да дозволеа да има гласање Владата ќе паднеше сигурно, дури и без Кастриот.“

Весникот на албански јазик „Лајм“ го пренесе делот од одговорот на Таравари во овој дебатен магазин во врска со мотивите на Алтернатива за влез во Владата и за меѓусебното опозициско дејствување: „Во принцип, на 15 јули 2020 година граѓаните и дадоа глас на коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива да не бидат дел на корумпирана програма, каква што беа и каква што се СДСМ и ДУИ.“

„Лајм“ го пренесе и одговорот на Таравари и на прашањето, кое му беше поставено во „Клик Плус“, дали постои можност пратениците на ДУИ да не гласаат за реформатирање на актуелната Влада: „Тој рече дека нема такви информации. Вели дека очекува важни настани внатре во ДУИ. Таравари дополнува дека има незадоволство меѓу обичното членство на ДУИ, укажувајќи: ‘Постои простор за проширување на нашите редови.“