Генчовска: Софија не презела обврски кон Македонија, Скопје – ДА

Иако го негира тоа, бугарскиот премиерот Кирил Петков „очигледно преземал обврски кон С. Македонија“, за што доказ е и изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок дека Бугарија верува оти земјава треба веднаш да ги започне преговорите за членство во ЕУ, обвини заменик-координаторот на Пратеничката група партијата ГЕРБ, Тома Биков.



„Ние немаме ништо против Република С. Македонија да ги започне преговорите за влез во Европската Унија, но не гледаме дека Република С. Македонија прави чекор напред. Ништо не е сменето во однос на ситуацијата од пред шест месеци, освен што македонскиот премиер рече дека нема да ја присоедини Пиринска Македонија кон Република Северна Македонија“ вели пратеникот на партијата ГЕРБ на екс премиерот Бојко Борисов.

Но, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска тврди дека нема промена во ставот на Бугарија за европската интеграција на Северна Македонија.

„Никој од тимот на МНР во разговори и средби со европските партнери и амбасадори на други земји членки на ЕУ или НАТО, не отстапи од оваа позиција и не беа преземени обврски поврзани со рокови“, изјави синоќа Генчовска за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Генчовска вели дека погрешно била интерпретирана изјавата на германска МНР Бербок дека „во крајот на првата половина на годинава“ ќе почнеле преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија.

На средбата со Бербок, вели Генчовска, бугарската страна била „отворено искрена“ и кажала дека нема напредок за политичките прашања и покрај желбата на Бугарија.

„ Она што го очекуваме од македонска страна се конкретни резултати во спроведувањето на нашиот Договор за добрососедство од 2017 година.

Нашите главни барања остануваат непроменети. Нашата држава инсистира правата на македонските Бугари да бидат загарантирани во македонскиот Устав“, изјави Генчовска, додавајќи дека Софија очекува конкретни резултати и дека нема да отстапи од ниту едно од своите барања.