„Никогаш од бугарска страна“, кусо одговори министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска, на новинарското прашање дали е можно подметнатиот пожар во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола да е провокација од бугарска страна за да ги наруши односите меѓу двете држави.
Клубот беше отворен на 16 април и претходно немаше никаков инцидент, освен овој сега, со потпалување на влезната врата извршен непосредно пред почетокот на дводневната работна посета на Генчовска во Македонија на покана на министерот Бујар Османи, заради решавање на отворените билатерални прашања.
„Овој инцидентот нема да ги наруши односите, но ова ќе биде еден доказ од Северна Македонија дека не се користи насилство и против говорот на омраза. Продолжуваме со многу конструктивниот дијалог. Морав да излезам од средбата со Бујар Османи, сега се враќам пак, продолжуваме. Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот“, рече Генчовска.
Претходно, министерот за надворешни рабти Бујар Османи најостро го осуди „вандалскиот напад“ кон здружението „Иван Михајлов“ и рече дека „ваквиот акт е доказ дека многу актери се против постигнувањето на напредок во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина“.
Генчовска рече дека дали ќе го дигнат ветото за почеток на пристапните преговори со ЕУ во јуни зависи од Македонија и европските партнери. Запрашана дали по инцидентот размислуваат да го променат името на културниот клуб во Битола „Ванчо Михајлов“ според фашистичиот соработник, зашто македонскиот народ го доживува како провокација, таа одговори дека центарот одамна ги носи тоа име и воопшто не станува збор за да се промени.
Таа изрази уверување дека македонските служби ќе го откријат потпалувачот на клубот во Битола и ќе го казнат.
„Како што ме увери началникот на битолската полиција, преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот“, додаде Генчовска.
Заедно со неа во Битола беа бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и конзулот Димитар Иванов.
Бугарскиот клуб во Битола беше запален утрово во пет часот, а огнот ја изгоре само влезната врата и натписот. Случајот го пријави еден од соседите, по што интерневираше Противпожарната единица од Битола и се спречи внатрешно оштетување.
При денешната посета на делегацијата од Бугарија имаше силно полициско обезбедување и беше забрането движење низ улицата Рузвелтова каде се наоѓа клубот, во поранешното Еврејско маало. Освен делегацијата беа присустни и уште десетина граѓани, членови на клубот, а едниот од нив носеше и маица со ликот на Гоце Делчев.





