Дури 10 милиони денари работодавачите задржале од државната финансиска поддршка што беше наменета за исплата на плати (14.500 денари) на работниците, објави ТВ Телма повикувајќи се на извори од Владата.



Меѓу над 4.500 компании има и медиум, а од Илинденска и порака дека ќе се обратат до Обвинителството и ќе побараат кривична одговорност за одговорните лица во фирмите.

Владата ќе бара од обвинителството кривично да ги гони газдите на оние фирми кои што ја злоупотребиле финансиската помош од државата и наместо кај работниците парите си ги ставале в џеб.

Генералниот секретар Рашковски за ТВ 24  вели дека се сумираат податоците од УЈП, по што и јавно ќе се објават имињата на фирмите кои го изиграле системот на грбот на работниците. Дел од нив откако беше обелоденет скандалот почнале да исплаќаат пари на вработените. 

„Ние уште денеска веќе ги концепираме барањата за воведување на истрага од страна на Обвинителството бидејќи ние не сме органот кој што изрекува казни, но соодветни постапки пред обвинителството веќе се подготвуваат и веќе вторник, а најдоцна до среда ќе бидат поведени против сите оние кои што немаат исплатено, а ги имаат добиено парите.“ – вели Рашковски.

Од Јавното обвинителство за ТВ 24 пак велат дека ќе чекаат Владата и другите надлежни институции да поднесат пријави за да почне да се постапува против фирмите.