Газдите против зголемување на минималната плата

„…секое ново зголемување на минималната плата само ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика дополнително оптоварување на бизнисот и затворање на голем број капацитети кои нема да можат да опстојат во и онака тешките услови за стопанисување предизвикани од пандемијата“, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.



„Платата мора да го следи растот на продуктивноста и секое наметнато покачување на истата без економска оправданост, нема да ги постигне посакуваните позитивни ефекти“, децидна е претседателката на ОРМ, Трајкоска.

Таа ги пренесе оценките на претставниците на бизнисот дека зголемувањето на минималната плата не го запре одливот на младите од земјата, туку напротив претставува демотивирачки фактор за квалитетниот и високостручен кадар кој се повеќе ги напушта домашните компании и заминува од земјата.

„ Сите ги гледаме актуелностите со енергетската криза и дека Владата ги прави сите напори да не дојде до таа криза. Сметам дека енергетската криза секако ќе се одрази врз работењето на компаниите, доколку настане, но да се надеваме дека сите мерки ќе бидат преземени за стопанството да функционира во рамките на своите можности. Ангажирањето на работниците зависи од продуктивноста, работењето и пазарите кои им се отворени на компаниите.

Доколку имаме пазари и доколку сме економски стабилни, сметам дека нема да има дополнителни отпуштања на работниците. Чувствуваме дека на товар на работодавачите се сите оптоварувања, како даночни и економски. Затоа побаравме Владата и институциите кои работат во тој дел, да застанат зад стопанството, да преземат одреден товар врз себе, а дел од тоа е и акцизата, рече Трајкоска.