Гаши: Владина делегација со Груевски договaраше амнестија во Будимпешта, за да се обезбеди негова поддршка за уставните измени

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши во интервју за Алсат изнесе тврдење дека измените на Кривичниот законик се прават, за да се амнестира Груевски и да се обезбеди поддршка за уставните измени. Тој обвини дека владина делегација била во Будимпешта и оти договорала лично со Груевски за кои предмети да биде амнестиран.



„Нашите информации се дека измените на Кривичниот законик биле договорени во Будимпешта и оти владина делегација и високи преставници на Министерството за правда отишле таму и заедно со Груевски ги разгледале предметите каде тој е осуден во отсуство и и е обвинет. Ги разгледувале можностите како може да се врати во Македонија со овие измени во Кривичниот законик: за оние предмети, за кои е осуден, да се повтори судскиот процес, а за другите да се амнестира, или да застарат.“ – рече Африм Гаши.

Тој рече дека се срами што е пратеник по изгласувањето на измените во Кривичниот законик.

„Нашите информации се дека се прави игра, која што воопшто не е чесна: под превезот на уставните измени се сака да се врати Никола Груевски, тој кој го започна уништувањето на Македонија, најантиалбанскиот премиер кој постоел некогаш. Сите знаеме како ги поминаа Албанците тие 10 години, колку злосторства, колку наместени процеси беа со потписот на тој премиер и сега некој да се обиде да го донесе тука, бидејќи сака да прави раздор во друга партија за изборни причини и да остане и натаму на власт. Се допре веќе дното. По ова што го направи мнозинството и сите пратеници, кои ги изгласаа промените во Кривичниот Законик, се предизвика цунами на разочарување на граѓаните. Тоа не допре и нас. Лично сум засрамен, што сум политичар и пратеник“ – нагласи Гаши.

Тој тврди дека лидерот на ДУИ Ахмети ги молел меѓународните претставници за амнестија на Никола Груевски.