Нема да влегуваме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет, оценува лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, според кој, ДУИ треба да проба Насер Зибери да биде премиер, па ако не можат тоа да го остварат ќе треба да отстапат.
Тој, во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, нагласи дека Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на изборите излегла со една програма – држава за сите.
„Ние се спротивставивме за идејата премиер Албанец, мислејќи дека тоа е само симболика, а не содржина. И сега не можеме да ги излажеме нашите гласачи кои веруваа на овој концепт за да одбраниме некој друг концепт“, вели Гаши, за повикот на Ахмети сите партии да застанат зад идејата на ДУИ.
„Сега е битна една компонента – легитимитетот. Кога една партија го нема легитимитетот кај Албанците, а од друга страна настапуваше со максимата премиер Албанец, сега кога не може да го оствари го губат легитимитетот да бидат во владата“, вели Гаши.





