Гаши би ја напуштил владата ама не знае дали има контрола врз пратениците

По јавното понижување кое му го направи премиерот Ковачевски со внесот на Алијанса за Албанците во владата лидерот на Алтернатива Африм Гаши размислува да ја напушти владата.



Извори во Алтернатива позиционирани високо во партиските структури тврдат дека Гаши е навреден што ќе треба да се откаже од министерски и директорски позиции кои ги доби кога лани ја спаси владата.

Проблемот за Гаши е што тој нема целосна контрола на неговите формално тројца пратеници.

Гаши одамна нема контрола на пратеникот Скендер Реџепи Зеид кој му откажа послушност уште во 2021 година и сега е близок на Огнената група во ДУИ, но лидерот Гаши сега нема целосна контрола ниту врз двајцата други пратеници.

Според партиски извори доколку Гаши ја напушти владата нема да биде следен од пратеничката од Липково Сафије Садики Шаини и од Хусни Исмаили.

Изворите во Алтернатива тврдат дека пратениците се плашат дека со напуштање на власта ќе настрадаат нивни блиски државни функционери и вработени со договор на дело кои веднаш ќе бидат избркани од владата и луѓето од Алтернатива ќе останат без работа а на нивно место би се вработиле луѓе од Алијансата за Албанците.

Со тоа Гаши практично би останал сам од Алтернатива надвор од власта по што ќе мора да ја напушти и претседателската функција.

Според изворите во Алтернатива доминантно расположение меѓу членството во оваа партија е да се напушти власта но првите луѓе не се сигурни дека тоа ќе значи враќање на довербата во партијата од јавноста која ја загуби со влез во власта на СДСМ и ДУИ.