Од уста не ја вадат Европа, но најмалку работат за Европа, а целта на владиното мнозинство е купување време за што подолго да останат на власт, вели лидерот на Алтернатива, Африм Гаши во интервју за Алсат.



„Се гледа дека владиното мнозинство го одолговлекуваше процесот досега и не сака да ја стави на гласање оваа иницијатива. Со тоа купуваат време за што подолго да останат на власт. За нас беше многу важно да се сфати кој е пристапот на мнозинството и тоа не само за нас, туку сакаме да знаат граѓаните дека ова мнозинство кое зборува само за Европа, тие се грижат само за да останат на власт, за нивните партиски интереси, кај корупцијата и другите скандали кои секој ден се откриваат“, вели Гаши.

Според лидерот на Алтернатива, тоа што треба да се направи е итно да се оди на избори.

„На избори сите партии ќе се соочат со своите гласачи за уставните измени, сите би добиле согласност да влезат во овој процес и после изборите јас сум убеден дека новиот парламентарен состав ќе ги изгласа уставните измени.

Идејата е на есен да има избори и на крајот на есента да имаме нов состав на Парламентот и да продолжат со процесот таму кај што е застанат, да гласаме за потребата за уставни измени за веднаш потоа да се отворат поглавјата и да продолжи процесот за што поскора интеграција на земјата во ЕУ“, вели Гаши.

Според него, така ќе се отворела можноста да бидат изгласани уставните измени, да се отворат поглавјата за членство во ЕУ и што поскоро да станеме членка на ЕУ, но и за бришење на формулацијата 20% и нејзина замена со „албански јазик“,

„Видете, после 2018 година Уставот се отвора по втор пат. Во 2018 година кога беше многу важно за регионот, за стабилноста, да се отвори Уставот според Преспанскиот договор и да станеме членка на НАТО, партиите на Албанците сите без исклучок беа за бришење на оваа навредувачка формулација за Албанците и за албанскиот јазик. Ние имавме разбирање и се согласивме тој договор да помине и гласавме за уставните измени со што станавме членка на НАТО.

Но, сега веќе е втор пат и ние повеќе немаме разбирање за ова одолговлекување. Сега мислам дека нема никаква причина. Ниедна македонска партија било од власта или опозицијата не излезе со јасен аргумент зошто треба да бидат против бришење на оваа формулација.

Бидејќи се отвора Уставот, сите партии и македонските и албанските велат дека ова навистина е навредлива формулација, тогаш зошто не се прави ова? Ние сме максимално посветени да не дозволиме да чекаме некое друго отворање на Уставот, а сега да помине без да се избриши оваа навредлива формулација за албанскиот јазик.

Ќе правиме сè за на крај да се подобри и формулацијата за албанскиот јазик, но и амандманите за борба против политичката корупција, да се стават во Уставот како една од важните европски вредности и една од најважните цели на сегашната и идната влада, тоа да биде приоритет, борбата против оваа појава“, вели Гаши.