Висар Ганиу, градоначалник на Чаир и дел од таканаречената „Огнена група“ ги отфрла тврдењата дека тој и членовите на таа група се „самоисклучиле“ од партијата и тврди дека и понатаму членови на партијата, а нивното незадоволство е насочено против именувањето на актуелните министри и функционери од ДУИ.



Во интервјуто за „Република“ говори за состојбите во ДУИ и тврди дека во таа партија никогаш немало одмазда, бркање од работа, разрешување кон тие што имаат спротивно мислење како тоа што се случува сега со нивни членови и приврзаници.

„Кога ДУИ функцонираше на јаки столбови овие работи беа минорни и со ова никогаш не се занимававме и затоа имавме симпатии кај народот. Колку и да не е убаво кога некој те критикува тоа е допринос кон себеси да се поправиш. Но, луѓето кои се во партијата сега се без никаква база како што е Артан Груби.

Јас сум убеден дека Груби во негова месна заедница нема да помине, вели Ганиу и додава:

„Во моментов Артан Груби е број еден, згора на тоа е и вицепремиер и се реваншира на секој директор кој мисли исто како нас. Груби менаџира со сите министерства, со сите директори и практично се е под негова контрола. Ова го велам со голема одговорност.

Секој што не мисли како Груби веднаш го брише и елиминира и паралелно формира други органи и на свој начин владее со сите тие организации и форуми внатре во партијата.

Ганиу верува дека ќе се изборат за она што го бараат внатре во партија и засега не размислуваат да пристапат во некој опозициски албански блок.

Не се бориме за поединечни позиции туку ДУИ да го вратиме на вистинскиот пат бидејќи рејтинзите покажуваат пад на поддршката.Сакаме да го стопираме тој пад и од грешките да учиме. Целта не е да сме против ДУИ туку сакаме внатре во ДУИ да се направат сите тие реформи и да биде таму каде што и е местото.

Групата на Артан Груби со структура, со членство нема шанси да нѐ победи. Единствено преку узурпирање на партијата, но на терен не можат да не победат бидејќи ние сме на вистинскот пат и само ја пренесуваме волјата на нашето членство и сме нивен глас“ вели Ганиу.