Ганиу бара државата да реагира по заканите по живот што ги добил

Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу вели дека тој и неговите адвокати се изненадени што државата не презема мерки иако тој како функционер пријавил дека добил закани по неговиот живот.



„За жал, ова е само уште една констатација дека судството е заробено, правдата е заробена и работи селективно… – изјави Ганиу за Алсат.

„Затоа јас, пред јавноста, бидејќи имаше многу голем интерес, сакам да информирам дека приватна тужба не поднесува Висар Ганиу, бидејќи јас сум службено лице, и тоа морало да биде по службена должност да се направи таа вечер, и да се преземаат мерки“, рече Ганиу.

Ганиу додава дека неактивноста на институциите, и барањето на обвинителството Ганиу да поднесе приватна тужба докажува дека постапките се направени по нарачка.

Тој додава дека досега никој не контактирал со него за да му се извини, и да има смирување на тензиите меѓу функционерите на ДУИ.

„Ова покажува дека кога имаат храброст да му се закануваат на градоначалникот со ликвидација, замислете на граѓаните што може да им се случи во овие моменти, кога знаете дека има несогласувања во партијата или различни мислења“, вели Ганиу.

Минатата недела, градоначалникот на Чаир, околу 21.30 часот вечерта, го пријавил во полиција дека добил закана од кандидатот за градоначалник на ДУИ во Бутел, Мухарем Хасани кој му рекол дека „тој (Ганиу) и Изет Меџити ќе бидат пронајдени смачкани на улица“.

Хасани, на социјалните мрежи напиша дека обвинувањата против него се невистинити.