Дури 80 проценти од анкетираните во Македонија очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година, покажува истражувањето на Галуп интернешенел.
Над половина (57%) очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно.
На прашањето: “Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44% рекле дека ќе биде полоша, 36% дека ќе биде иста како 2022, а 6% не знаеле/немале одговор.
Анкетираните граѓани во земјава на прашањето: “Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?”, 12% рекле дека ќе биде година на економски просперитет, 57% дека ќе биде година со економски потешкотии, 26% дека ќе биде иста како претходната а 4 % не знаат или немаат одговор.
Инаку, в пресрет на 2023 година, очекувањата на јавноста за иднината низ целиот свет се невообичаено различни и светот изгледа многу помалку обединет отколку во
претходните години.
Преовладува песимизмот, се чини дека економскиот просперитет исчезнува, а стравувањата од употреба на нуклеарно оружје се на невидено ниво. Иако традиционално преовладува личната среќа, како целина во светот таа е пониска од претходно.
Според резултатите од традиционалната предновогодишна анкета, најоптимистични за иднината се луѓето во Нигерија, Пакистан, Казахстан, Филипини и Индија.
На крајот од оваа година топ 5-те песимистички земји се европски – Полска, Чешка, Србија, Франција и Италија.
Традиционално Русија е прилично на песимистичката страна. Годинава 22% од испитаниците рекле дека се оптимисти за иднината, 36% сепак се песимисти дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година и 20% се неутрални во нивните очекувања, останатите не знаат.
Во САД, од друга страна, има драматично поместување кон песимизам во последните неколку години…







