Надворешно-политичкиот коментатор Љубомир Гајдов го оцени барањето на ДУИ за прв премиер Албанец како „наивна работа“, поттикната од внатрепартискиот вриеж.
„Тоа ‘Албанец премиер’ е пуфка, исто како што бараа консензуален претседател. Се знае што е демократија. Како може тоа? Тоа е невидена будалаштина, наивна работа, зошто и во самата партија му жежи на Али Ахмети, плус огромни пари има земено за загинатите и за повредените борци на УЧК. Значи, нему не му е лесно ‘дома’, и нему му бараат да си оди. Еве тој Артан Груби, од советник до шеф на кабинет, вчера го претставија како секретар на ДУИ. Тоа значи дека внатре врие и во ДУИ“, оцени аналитичарот со новинарска кариера од педесетина години во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.
За констатацијата дека Ахмети и во периодот 2006-2008 година, тогаш во опозиција, се закануваше дека повторно ќе ја облече униформата на УЧК и ќе замине в планина ако ДУИ не биде дел од Владата, Гајдов со став: „Тоа е друго време. Сега ние сме во НАТО. Сега стапот е во наши раце, во Република Македонија. Не е во нивни раце. Сега нив можат само да ги судат за велепредавство и да ги обесат. Нема теорија тие да дигаат врева!“.
Според долгогодишниот новинар, Договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година, заедно со членството во НАТО, ги гарантираат територијалниот интегритет и унитарноста на Македонија.
„Ние влеговме во НАТО. Точка. Нема трета албанска држава на Балканот“, категоричен е Гајдов.






