Бугарија нема билатерален проблем со Македонија и во име на заедничкиот европски интерес ѝ кажува што значи да се биде членка на Европската унија. Ова го порача бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел на состанокот на собраниската комисија за надворешна политика, прашана за европскиот пат на Македонија, јави Бугарската телеграфска агенција (БТА).
Габриел посочи дека условите за југозападниот сосед не се само уставни измени, туку и почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и двата протокола.
„Имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание“, потенцира таа.
Според неа, важно е бугарската страна да го види напредокот во другите области доколку има потешкотии со уставните измени. Вицепремиерката изјави дека се одржани два технички состанока во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок.
„Бугарија има многу јасна позиција пред целата Европска унија. Ние сме земја-членка и како такви со нашите барања до РСМ порачуваме дека штом сакаш да бидеш членка на Европската унија мора да ги исполниш обврските што самиот си ги презел“, категорична беше Марија Габриел.
Потпретседателката на Владата и шефица на дипломатијата обрна внимание на писмото од шпанското претседателство со ЕУ и истакна дека стратегијата на Бугарија во последните шест месеци е јасно и конструктивно да зборува за нејзината улога како земја-членка.
„Ако РСМ сака да стане членка во ЕУ, планот за заштита на малцинствата е веќе критериум“, додаде таа.
Габриел истакна дека Бугарија е заинтересирана да биде поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан и нагласи дека темата е на европската агенда благодарение на бугарското претседавање со Советот на ЕУ.
„Мораме да ја вратиме нашата позиција како лидер во регионот, а за да бидеме лидер мора јасно да го браниме паневропскиот интерес“, рече Габриел.






