Левичарот Габриел Бориќ (35) ќе стане нов претседател на Чиле, откако вчера победи на претседателските избори.
Врз основа на 99,5 отсто од преброените гласови, Бориќ освои 55,87 отсто од гласовите, пред кандидатот на десницата Хозе Антонио Каст, кој освои 44,13 отсто, објави Чилеанската изборна комисија, а Бориќ официјално ќе ја преземе функцијата на 11 март следната година.
Противникот Каст во неделата вечерта го призна поразот и му честиташе на идниот претседател со хрватско потекло.
Бориќ, 35-годишен поранешен лидер на студентските протести поврзани со Комунистичката партија, чиј татко има хрватско потекло, ќе биде најмладиот претседател во историјата на Чиле и, како што пишува „Њујорк тајмс“, најлиберален по Салвадор Аљенде.






