Во последното коминике на самитот на Г-7, лидерите на земјите најостро ја осудија „нехуманата војна“ што Русија ја започна во соседна Украина, нарекувајќи ја „сериозно кршење на меѓународното право“, јавува руската служба на Би-Би-Си.
Лидерите на земјите од Г7 вчера ги повикаа кинеските власти „да извршат притисок врз Русија да ја запре својата воена агресија и веднаш и без никакви дополнителни услови целосно да ги повлече своите војници од територијата на Украина“.
„Подготвени сме да изградиме конструктивни и стабилни односи со Кина, препознавајќи ја важноста од отворен дијалог и изразувајќи ја нашата загриженост директно до Пекинг“, се вели во коминикето потпишано од лидерите на состанокот во Хирошима.
Во документот конкретно се нагласува дека земјите од Г7 немаат за цел да ја ослабат Кина или на кој било начин да ја поткопаат економската моќ или развој на Пекинг.







