Г7 бара начин како да се справи со Кина и Русија

epa10638156 A handout photo made available by the G7 Hiroshima Summit Host shows (L-R) US President Joe Biden, German Chancellor Olaf Scholz, Britain's Prime Minister Rishi Sunak, European Commission President Ursula von der Leyen, President of the European Council Charles Michel, Italian Prime Minister Giorgia Meloni, Canadian Prime Minister Justin Trudeau, French President Emmanuel Macron and Japan's Prime Minister Fumio Kishida posing for a photo during a working lunch meeting during the G7 Hiroshima Summit in Hiroshima, Japan, 19 May 2023. The G7 Hiroshima Summit will be held from 19 to 21 May 2023. EPA-EFE/G7 Hiroshima Summit Host HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Г7 бара начин да ги заузда Кина и РусијаФото: ЕПА



Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида се сретнаа вчера во Хирошима, со стремеж за поблиска соработка соочени со подемот на Кина и непредвидливоста на Русија, кои тие ги гледаат како закани за повоениот поредок.

Двајцата лидери се сретнаа пред тридневниот самит на Групата седум (Г7), кој почнува денеска во Хирошима, првиот град што беше срамнет со земја во напад со атомска бомба, посочува агенцијата Ројтерс.

Членовите на Г7, во која се и Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија и Канада, се сè позагрижени за она што го гледаат како принудна економска политика на Кина и нејзиното брзо акумулирање на чувствителна технологија – како и за континуираните закани за употреба на нуклеарно оружје од Русија.

Сепак, директното решавање на овие прашања не е лесно, рекле претставници на земјите-членки на Г7 во приватни разговори со британската агенција, особено имајќи ја предвид големата зависност на Западот од Кина, втората по големина економија во светот, како трговски партнер, а во некои случаи и како производствена база.

„Меѓународната заедница се наоѓа на историски крстопат“, рече премиерот Кишида во обраќањето пред новинарите по средбата со Бајден, која траеше повеќе од еден час.

Самитот ќе биде можност за членките на Г7 да му ја покажат на светот својата посветеност кон „слободен и отворен меѓународен поредок заснован на владеење на правото“, рече Кишида во говорот, кој изгледаше дека е упатен до Русија и Кина.

Јапонија, иако долгорочен купувач на руска нафта, ги поддржа сите санкции на Г7 по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Воената акција, исто така, ги зголеми стравувањата кај Јапонците дека Кина може да се осмели да преземе акција против соседен Тајван, доколку Русија не биде запрена.

Групата седум ќе дејствува за да ги заостри санкциите кон Русија и да ја спречи да ги заобиколи веќе воведените казнени мерки, изјави во четвртокот германскиот лидер Олаф Шолц.

На патот кон Јапонија, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан им изјави на новинарите дека САД ќе презентираат пакет санкции заедно со изјавата на Г7 што ќе се фокусира на темата за казнените мерки против Русија.

Кишида подоцна рече дека тој и Бајден се согласиле да продолжат „строгите санкции против Русија, како и силната поддршка за Украина“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски в недела ќе се приклучи на седницата на Г7 преку видеоврска, рече Кишида. Ројтерс јавува дека имало шпекулации дека Зеленски би можел да пристигне во Хирошима, но Кишида рече дека, иако знаел дека се зборува за тоа, распоредот останува „ист како што е најавено“.

Кишида и Бајден, исто така, се согласни за важноста на заштитата на стратегиските технологии, рече портпаролот на јапонската влада.

Претходно вчера, Кишида се сретна со шефовите на некои од најголемите светски компании за производство на чипови, барајќи од нив да инвестираат повеќе во Јапонија, испраќајќи јасен сигнал за продлабочувањето на безбедносното значење на напредната технологија и синџирите на снабдување во Г7.

Кишида им рече на директорите дека стабилизирањето на синџирите на снабдување ќе биде една од темите на разговор.

„Многу сум задоволен од вашиот позитивен став кон инвестирањето во Јапонија и би сакал целата влада да работи на понатамошно проширување на инвестициите во Јапонија и поддршка на индустријата за полупроводници“, рече Кишида.

Официјален претставник на министерството за индустрија подоцна рече дека Кишида сака да ја поттикне соработката заради зајакнување на синџирите за снабдување со полупроводници, додека министерот Јасутоши Нишимура рече дека Јапонија ќе одвои 9,62 милијарди долари од дополнителниот буџет од минатата фискална година за поддршка на индустријата за чипови.