Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, се обрати до директорот на Македонската радиотелевизија (МРТ), Марјан Цветковски, со барање за извинување за кајронот на синоќешниот Божикен концерт пренесуван на МТВ 1, на кој беше именуван како „архиепископ охридски”, без „македонски“.
„За време на вчерашниот Божикен концерт на празнични песни – одржан како завршен дел од манифестацијата ‘Бадникови поворки’, беше направена груба, се надеваме ненамерна, грешка. Имено, за време на Нашиот благодарствен говор на кајронот на МТВ1 наместо титулата ‘Архиепископ Охридски и Македонски’ стоеше скратената титула ‘Архиепископ Охридски’. Не сакајќи да веруваме дека станува збор за свесно или нарачано искривување на титулирањето на Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, Ве замолуваме уште денеска во средствата за информирање на Јавниот сервис да објавите извинување за овој голем превид. Во спротивно, ќе бидеме принудени и Ние лично како Архиепископ Охридски и Македонски и сите свештенослужители на Скопската епархија и на други македонски епархии да ја преиспитаме нашата соработка со Јавниот сервис, а којашто сè досега, беше исклучително коректна и плодотворната.
Верувајќи дека ќе излезете во пресрет на ова наше барање и дека во иднина нема да се прават вакви сериозни грешки, Ве поздравуваме со торжествениот христијански позив: Х Р И С Т О С С Е Р О Д И!“, се вели во реакцијата на г.г. Стефан.






