ФЗЦ 11 Октомври ги испрати вработените на принуден одмор поради скапата струја и гас

Фабриката за заварени цевки и профили ФЗЦ 11 Октомври А.Д. од Куманово, чии производи во 99 отсто се наменети за извоз веќе два месеци не работи. Поради високите сметки за струја и гас, оваа фабрика го прекина производството, а 70 проценти од вработените се на принуден одмор со 70 отсто плата, извести Стопанската комора на СМ.



„На работниот состанок со Кризниот штаб, од страна на менаџерскиот тим на фабриката беше посочено дека во овој период ги поставуваат машините коишто претходно ги набавиле со цел подобрување на производствениот процес. Но, постои голема несигурност кога ќе го вратат производството.

Од државата очекуваат поддршка во вид на кредити со пониски стапки на камата, за да можат да постават фотоволтаични панели, како и промена на тунелската печка на гас со индукциска плоча, што би ги чинело 4,5 милиони евра“, објавија од комората.