Функционерите ќе си земаат по 2.000 евра плата, ново зголемување на платите нема да има, вели Бесими

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека во 2024 не се предвидени дополнителни средства во буџетот за зголемување на плати на функционерите. Според него, оваа година платите на функционерите нема да се усогласуваат со зголемувањето на просечната плата, а тоа, иако штуро, го објасни со законски интервенции.



Платите на функционерите минатата година со интервенција на Уставниот суд се зголемија за 78 отсто, а оваа година основата за зголемување на нивните доходи ќе биде уште поголема, бидејќи се очекува раст на просечната плата во Македонија на годишно ниво.

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024. Тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има законски интервенции тоа да не се случи во 2024. Дополнително зголемување во однос на 2023 нема да има, рече министерот.