Функционери во турканица за сечење лента, за попот немаше место

Слика како од филм на Чарли Чаплин видоа сведоците денеска во Лешочкиот манастир каде на отварање на паркинг, поени во јавноста се обидоа да освојат mинистерот за локална самоуправа Горан Милевски, вицепремиерот Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Теарце Исен Асани, директорот на Бирото за рамномерен регионален развој Рамиз Реџепи, заменик-министерoт за локална самоуправа Зоран Димитровски, директорот на Специјалната болницата за белодробни заболувања Исмаил Ваити.



Единствен кој во турканица за сечење лента и сликање не успеа да дојде до парче од лентата беше локалниот свештеник од Лешок кој го загуби жустриот дуел до вицепремиерот Николовски и министерот Милевски.

„Изградбата на овој паркинг простор беше по барање на Општина Теарце, владиката Тетовско-Гостиварски Јосиф и жителите на село Лешок. Општина Теарце аплицираше до Бирото за рамномерен регионален развој, а Владата сметаше дека овој проект има значење за развојот на овој регион и одобри средства во висина од 3,5 милиони денари. Со тендерските постапки дури и ја намаливме вредноста на изградбата на објектот. Сега ќе им се овозможи доволно паркинг простор сите туристи кои доаѓаат да го посетат Лешочкиот манастир, а истиот ќе послужи и за потребите на специјалната болницата за белодробни заболувања“, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски на отварање на паркингот за стотина возила и неколку автобуси, пренесува дописникот на сдк.мк Зоран Андоновски.