На министерот за здравство на ум му дошла идеја која се случува само во земји во војна или земји кои не можат да ја гарантираат безбедноста на целата своја територија.
На министерот Венко Филипче не му се давале пари за ангажирање на агенција за обезбедување на Клиничкиот центар, па разговарал со Радмила Шекеринска од ресорот за одбрана за можноста припадници на АРМ да патролираат околу болниците.
Ова било една од варијантите за тоа кој да се грижи за безбедноста на здравствените работници и пациентите во ургентните центри, откако министерот ја најави оваа мерка по инцидентот со нападот на мајка на починато момче над медицинска сестра во Ургентниот центар.
Министерот за здравство најавил дека за неколку денови ќе се знае дали пред влезот на КАРИЛ, Ургентен, Детска, Хематологија и Токсикологија ќе стојат припадници од одбрана или, пак, од МВР, пренесува локално.мк. Филипче покрај помошта што ја побара од министерот Спасовски уште минатата недела по инцидентот на Клиниката за анестезија и реанимација, разговарал и со Радмила Шеќеринска.
Филипче според медиумите сака да се најдат лица кои веќе се плаќаат од буџетот, бидејќи проценките им покажале дека ангажирањето на агенција за обезбедување ќе ги чини прескапо.





