Откако на 2 јуни објави дека го победи коронавирусот поради ниту еден новозаразен по 5 мај, фудбалски навивачи се погрижија да ја вратат болеста во Црна Гора.
Најмалата ексјугословенска република денеска има четири нови позитивни на Ковид-19, со кои бројот на активни случаи порасна на 13.
Најголемиот број од нив се црногорски граѓани што заминале на полуфиналето на Купот на Србија меѓу Црвена звезда и Партизан во Белград, на кој присуствуваа 16.000 гледачи. Тие се вратиле преку Босна и Херцеговина, бидејќи Србија е на црната листа на Црна Гора како и Македонија.
На Клиничкиот центар во Подгорица се сместени тројца пациенти, од кои двајца имаат потешка клиничка слика. Во следните денови здравствените власти очекуваат зголемување на бројот на новозаразени.
Од почетокот на пандемијата, заедно со новите случаи, во Црна Гора се регистрирани 337 заболени од Ковид-19 и деветмина починати.





