Со извонредната игра и убедливиот триумф од 4:1 против домаќинот Казахстан во квалификациите за Европското првенство, фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година се издвои на второто место во групата и им даде поттик на сениорите пред вечерашното полуфинале од Лигата на нациите против Косово во Скопје.
Дарко Чурлинов беше јунак на натпреварот во Алмати, постигнувајќи два гола и асистирајќи за погодокот на Димитар Митровски, а погоди и Јани Атанасов, кој не реализира пенал, но одбиената топка ја смести во противничката мрежа.
Казахстанците намалија на 3:1 преку Оралкан Омиртаев и имаа шанса дополнително да се заканат, но ги смири македонскиот голман Ристе Јанков со одбранетиот удар од белата точка на Артур Шушеначев.
Во следното коло на 13 октомври „црвено-жолтите“ се домаќини на уште еден директен ривал за второто место Израел.
Табела: Шпанија 16 бода од 6 меча, Македонија 13 (7), Казахстан 10 (8), Израел 8 (6), Црна Гора 7 (7) и Фарски Острови 3 (6).






