Кралската фудбалска федерација на Шпанија (РФЕФ) и понатаму ѝ се обраќа на Македонија со тоа име, без додавката „Северна“.
За РФЕФ, нејзината репрезентација до 21 година на 3 септември ќе ѝ гостува на Македонија, како што стои на банерот со составот на шпанскиот национален тим.
Шпанија е европски шампион во оваа возрасна категорија, а натпреварот во Скопје е од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2021 година, а соорганизатори се Унгарија и Словенија.
„Црвената фурија“ води во шестата квалификациска група со 13 бода од пет меча, пред Израел со 8 (4), Казахстан со 7 (5), Македонија со 7 (4), Црна Гора со 4 (6) и Фарски Острови со 0 (4).
Победниците на деветте квалификациски групи, заедно со петте второпласирани со најдобар ефект, ќе им се придружат на кодомаќините на првото ЕП со 16 селекции.





