Роман Абрамович, сопственикот на „Челзи“ и руски олигарх кој се најде на списокот санкционирани од Запад, добил лично одобрение од рускиот претседател Владимир Путин да преговара за мировен договор со Киев, објави Фајненшл тајмс.
Информацијата ја потврдија две лица запознаени со тоа што се случува според кои Абрамович се сретнал со висок функционер во канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за да помогне во организирањето на разговорите.
„Тој навистина има одобрение од највисокото ниво од двете страни“, вели еден од нив. Според другиот „Тоа е голем ризик за него. Но, тој рече: „Сакам да направам нешто“. Путин е непредвидлив и може да збесне – секогаш е многу ризично“, пренесува ФТ.
Западни извори се сомневаат дека Абрамович навистина може да одигра улога во разговорите.
Зеленски ургирал кај Бајден да нема санкции за Абрамович
Волстрит журнал неделава објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал од Бајден да не го вклучуваат милијардерот во списокот со санкции поради негово можно посредување во преговорите.







