Влошување на ситуацијата заради „масовниот прилив на мигранти” преку турската граница се оценува во интерниот извештај на Европската агенција за заштита на границите „Фронтекс“ во кој увид имал германскиот весник „Билд”.
„Ќе биде тешко да се запре масовниот прилив на луѓе кои тргнале на пат”, пишува во извештајот на Фронтекс.
Се очекува интензивен притисок врз надворешните граници на Европската унија, па дури и доколку турските власти повторно го запрат движењето на мигрантите.
Извештајот бил напишан во текот на викендот бидејќи Турција минатата недела престана да ги спречува бегалците да тргнуваат по копно или по вода на пат за Грција.
Факт е дека Турција прими 3,6 милиони сириски бегалци. Разбирливо е што Анкара бара поголема финансиска помош и го одвртува вентилот за да попушти „миграцискиот притисок“, зашто од сирискиот регион Идлиб, каде се водат жестоки борби, уште стотици илјади луѓе сакаат да влезат во Турција, пренесува „Дојче веле“.
Безглаво свикување специјални самити на ЕУ и барања за јакнење на граничната служба Фронтекс беа чисто лицемерие. Зашто, веќе со години раководството на ЕУ точно знае дека договорот со Турција е привремено и климаво решение.
„ ЕУ се потпираше на Турција. Сега нема план „Б“. Грција и Бугарија ги затворија границите, но тоа е очајнички обид да се спречи влез на мигрантите и тоа не може да потрае. Според Бегалската конвенција и правилата на ЕУ, дојденците имаат право на проверка дали се бегалци кои треба да бидат заштитени.“, оценува Бернд Ригерт за „Дојче веле“





