Новинарот Ларис Гајзер, кој објави компромитирачки снимки поврзани со аферата „Рекет“ што ја тресе Македонија, по хакирањето на неговиот профил на Фејсбук се соочува со наезда од лажни профили со неговото име.



„Ако можете да ја прочитате оваа порака: мојот профил е хакиран! Ниту еден нов профил не е мој!! Тоа е стапица! Многу веројатно некој се обидува да ја улови опозицијата на Владата! Ве молам, не контактирајте ниту еден друг профил на Ларис Гајзер!“, напиша новинарот на италијанскиот весник „Ла Верита“ на својот вистински профил на Фејсбук.

Гајзер вели и дека објавата оти е хакиран од некаква си „Кумановска хакерска група“ е лажна.

„Хакер отворил лажен профил и други хакери го хакирале лажниот профил“, објаснува човекот што стана цел на напади од лица и од структури засегнати од кулминацијата на скандалот со рекетирање бизнисмени со објавата на снимките во „Ла Верита“.