Фрчкоски да ги врати парите од продажбата на резиденцијата на Тито, бара ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од власта да даде отчет зошто уште не се префрлени четири милиони долари кои Македонија ги доби од продажбата на апартманот на Јосип Броз Тито на Парк Авенија во Њујорк.



Од опозициската партија тврдат дека 3,4 милиони долари веќе се префрлени на сметката на Постојаната мисија на Македонија при ОН уште минатата есен, додека останатите 600.000 се очекуваат секој момент да се вратат на Македонија, но дека амбасадорот во Вашингтон, Љубомир Фрчковски, ги нема трансферирано во земјата.

Информациите на партијата велат дека Фрчкоски и покрај неколку инструкции од Министерството за надворешни работи, една во декември, а другата во јуни годинава, парите да ги префрли во буџетот на државата, тој тоа одбива да го направи и ги држи на сметката од Мисијата.

Портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Наум Стоилковски го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи веднаш и без размислување да си поднесе оставка, а истражните органи во државата веднаш да побараат објаснување зошто 4 милиони долари не се вратени во Буџетот на Македонија. Побара и од премиерот Ковачевски да и каже на македонската јавност што знае за оваа сума на пари и зошто до сега не преземал ништо.