Фрчат огласи за вработување во државно, и тоа на само еден месец пред техничката Влада

Државните институции, министерствата и јавните претпријатија побрзаа да распишат конкурси за вработувања на месец и пол пред формирањето на техничката Влада во чиј мандат сите процеси за вработувања во јавната администрација ќе бидат прекинати, објави А1он. На интернет страницата на Агенцијата за администрација преку која се реализираат овие вработувања има над 80 огласи во кои се бараат нови административци.



Во АД ЕСМ од почетокот на 2020 година до крај на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1190, од кои над 76% биле со работни места во производствениот процес, а над 23% административни работни места. Најголем процент од оние кои заминале, бил по основ одење во пензија, но и поради други причини вклучувајќи го и заминуавњето во приватниот сектор.

Државната компанија ЕСМ која опстојуваше за време на енергетската криза до директна владина помош, сега вработува 500 лица. Се бараат различни профили за работни позиции, од инженери, електричари, сметководители, хигиеничари до хаус-мајстори, курири, возачи и секретари за Осломеј, РЕК Битола, ХЕЦ Црн Дрим Струга.

ЕСМ нуди плати од 30.000 до 60.000 денари во зависност од позицијата која се нуди. Голем дел од министерствата преку оглас бараат нов персонал, а нови вработувања се потребни и во Јавните општински претпријатија и во поголем дел од општинските администрации.

Фондот за здравствено осигурување бара 41 работник за 36 позиции, Министерството за надворешни работи ќе прими 15 извршители, во транспорт и врски ќе се вработат девет нови луѓе, во МИОА ќе се вработат осуммина, а исто толку позиции се отворени и во Општата болница во Велес. Секој ден администрацијата има потреба од нови вработувања, вели министерот за информатичко општерство и администрација Азир Алиу.