Францускиот предлог за условите под кои Македонија може да ги почне преговорите е лош. Македонската влада не смее да го прифати и мора активно да предложи суштинско подобрување на документот.
Дали е можно францускиот предлог да се подобри, за тој да стане прифатлив за нас? Да, може. Ќе објаснам како – пишува новинарот Бранко Героски во колумна за Плусинфо и продолжува;
Но, пред тоа, да утврдиме зошто предлогот на француското претседателство на Европската унија не е добар.
Пред сè, предлогот не предвидува почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Тоа мора отворено и јасно да се каже. Читаме, писмени сме и не сме недоветни. Барем не сите.
Што е тајната на француската „формула“?
Значи, ако владата на Димитар Ковачевски преземе обврска да ја смени Преамбулата на Уставот и ако успее таму да ги запише „граѓаните кои живеат во државата и кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите“, Советот на ЕУ на 23 јуни ќе ја прифати Општата преговарачка рамка и ќе се одржи симболична, или „политичка“ меѓувладина конференција. После неа ќе се одржи и втора меѓувладина конференција, која ќе означи почеток на преговорите, но таа ќе се одржи дури откако ќе биде сменет Уставот.
Со други зборови, француската формула не го симнува бугарското вето.
Напротив, ветото останува и дури и се засилува!
Зошто тврдам дека се засилува?
Затоа што во најважниот дел од преговарачката рамка наречен Фундаменти – без чие усвојување Европската Унија нема да ја прими Македонија – се внесени и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Како што е познато, Договорот со Бугарија ја наметна темата за т.н. заедничка историја, по што Софија ги актуализираше тезите за бугарството на македонската нација до 1945 година. Тоа ги влоши односите меѓу двете земји и сега сме тука каде што сме.
Ако се прифати францускиот предлог, за сите спорни теми, кои директно ги засегаат идентитетот и самобитноста на македонската нација, теми за кои Скопје и Софија спорат повеќе од седум децении, Македонија сега ќе преговара со Европската Унија и со сите нејзини членки. Тоа ќе биде резултатот на внесувањето на Договорот со Бугарија во Преговарачката рамка.
Целиот текст на следниот линк:
https://plusinfo.mk/francuskiot-predlog-e-losh-ama-mozhe-da-se-podobri/





