„Францускиот предлог’ е остар меч за македонскиот идентитет – да не се жртвува македонизмот, заради ЕУ-‘селска лига’

„Франција и некои други земји-членки на блокот, како што е Холандија, беа и останаа неволни да го продолжат проширувањето, така што бугарската блокада на Македонија ја искористија за да ги затскријат своите вистински намери. Наводните некакви нивни напори, рамки и протоколи воопшто не треба да залажуваат. Тие продолжуваат да тврдат дека со овој број на членство ЕУ е веќе нефункционална, а натамошното проширување само ќе ги забави институциите.“ – вели весникот „Нова Македонија“, покрај другото, во својот редакциски коментар со наслов „Членство – да, но во која ЕУ?“

„Европски земји од прв и од втор ред“

„Макрон предложи создавање европска политичка заедница (ЕПЦ), во која ќе бидат ставени некои од земјите-членки на Европската Унија (ЕУ од втор ред) и земјите-кандидати од брзата лента, како Украина, Грузија и Молдавија. Дали европската политичка заедница е дел од мастерпланот на Макрон за водечките држави на ЕУ да се издвојат и полесно да ги остваруваат своите интереси, а другите на пониско ниво, како второлигаши, да се обидуваат да ги имитираат своите ‘прволигашки идоли’, играјќи некаква преодна улога на тампон-зона кон вистинскиот развиен ‘Запад’?

„Што се однесува до Македонија, дали ‘француската рамка’ е само едно мало делче од парискиот план, со кој, задоволувајќи ги апетитите на аспирантите за ЕУ, се прави исчекор во реализацијата на мастерпланот за ‘силна, многу побогата и во потесни рамки прва лига на ЕУ’?“

„Жртвување на македонизмот за играње во европската ‘селска’ лига“

„Моментната понуда на официјален Париз до Скопје, за надминување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори со ЕУ може да биде само меч со едно, остро сечило за Македонија. Наместо да инсистира на исполнување на европските принципи, ЕУ нуди предлози што задираат во идентитетот на еден народ, почнувајќи од неговото право на самоидентификација, правото на сопствен јазик, култура и историја.“

„ Македонија треба да поднесе преголеми жртви, за да игра во европската ‘селска’ лига, па клучното прашање што секој политичар во оваа земја, но и секој граѓанин треба да си го постави во овој момент: дали вреди да се жртвува македонизмот за една неизвесна европска иднина? Одговорот е повеќе од очигледен.“