Францускиот предлог е ќорсокак за Македонија, оценува шпански политолог

Алехандро Естесо Перез, шпански политолог и истражувач специјализиран за проширувањето на Европската унија и за политиките на Западен Балкан, со критики за францускиот предлог за условено деблокирање на македонската евроинтеграција од Бугарија.



„Одобрувањето на предлогот е далеку од добра вест. За волја на вистината, француската рамка го зацврстува национализмот во неговото јадро и ја прави земјата заложник на каприците и на импулсите на Софија. Рамката што ја постави Франција денес е ќорсокак за Северна Македонија“, пишува Перез во својата анализа за порталот „Њу Истерн Јуроп“.

„Кандидатурата на Скопје за членство е скршена и ќе бидат потребни години за да се поправи, ако тоа воопшто се случи. Преку својот предлог, Франција ефективно дозволи национализмот и домашниот фанатизам да станат дел од рамката за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова само ќе обезбеди платформа за воинствен антидискурс и за легитимирање на секое бугарско барање. Во избрзаниот обид да се стави крај на ќорсокакот, Париз ја избра страната на насилникот, која одлучи да ја задоволи во потрагата по брза политичка победа. Се разбира, ова е направено на сметка на жртвата, при што изгледите за пристап на Северна Македонија сега се уште понејасни“, заклучува тој во написот насловен „Францускиот предлог на ЕУ за Северна Македонија нè учи дека национализмот ќе надвладее“.

Македонија, според него, „остана со отровно јаболко“ и „Владата, за жал, реши да го загризе“, а поради тоа, „колапсот на СДСМ е повеќе од загарантиран“.