Фудбалерот на годината во светот Карим Бензема се најде на удар на француската влада откако јавно изрази поддршка за Палестинците среде тековното бомбардирање на Газа од страна на Израел.
Министерот за внатрешни работи Жерал Дарманин го обвини добитникот на Златната топка дека има врски со Муслиманското братство.
Контроверзноста почна откако 35-годишниот, кој игра за саудискиот клуб Ал-Итихад, напиша на Твитер минатата недела дека „сите наши молитви се за жителите на Газа, кои повторно се жртви на овие неправедни бомбардирања кои не штедат жени или деца“.
Говорејќи за францускиот медиум CNews, Дарманин тврди дека Бензема имал врски со Муслиманското братство, верска и политичка група која е забранета во Франција.
„Г. Бензема е поврзан, сите го знаеме тоа, со озлогласеното Муслиманско братство“, тврди министерот, додавајќи дека „ние напаѓаме ламја, која е Муслиманското братство, бидејќи тие создаваат ‘атмосферски џихадизам’“.
Како наводен доказ за вината на Бензема, еден од портпаролите на Дарманин ги наведе одбивањето на фудбалската ѕвезда да ја пее „Марселјеза“ на почетокот на натпреварите на репрезентацијата на Франција и очигледната поддршка за постовите на руската ММА суперѕвезда Хабиб Нурмагомедов, кој повика да се „обезличат“ оние што го поддржуваа „Шарли Ебдо“ за карикатурите на пророкот Мухамед.
Валери Бојер, сенатор на департманот Буш-ду-Рон, оттогаш исто така повика на поранешната ѕвезда на Реал Мадрид да му биде одземена наградата Златна топка за 2022 година и да му се одземе француското државјанство доколку се докаже наводната врска со Муслиманското братство.
„Не можеме да прифатиме дека францускиот двоен државјанин, меѓународно познат, може да ја обесчести, па дури и да ја предаде нашата земја на овој начин“, рече Бојер во соопштението за печатот.
Бензема жестоко негираше дека има каква било поврзаност со Муслиманското братство, а неговиот адвокат Иго Вижие изјави дека фудбалската ѕвезда „никогаш немала ни најмала врска со оваа организација“ и размислува за правна постапка против Дарманин за клевета поради „лажното“ обвинение.
Вижие, исто така, објасни дека Бензема само изразува „природно сочувство“ со „она што многумина денес го опишуваат како воени злосторства извршени во Газа, но што не го намалува ужасот од терористичките акти на 7 октомври, нешто што не е предмет за дискусија“.
Последниот конфликт меѓу Хамас и Израел избувна овој месец кога палестинската милитантна група изврши ненадеен напад на израелска територија. Како одговор, Израел објави „војна“ и почна масовни воздушни напади врз густо населената палестинска енклава Газа.
Според последните официјални податоци, борбите досега ги однеле животите на повеќе од 3.800 Палестинци и 1.400 Израелци.






