По повеќемесечна дебата, членовите на Француското национално собрание вќера усвоија закон со кој треба да се „зајакнат принципите на републиката“ и да се потисне она што со месеци се нарекува „радикален исламизам“ во Франција.
Законот, наречен „Почитување на принципите на Републиката“, го олеснува укинувањето на организации кои ги доведуваат во прашање француските вредности, пренесува Ал џезира.
Законот содржи голем број мерки што треба да обезбедат неутралност на јавните служби, да го потиснуваат говорот на омраза на Интернет, да ги штитат службените лица и наставниците, да ја зајакнат контролата над организациите, да обезбедат подобра транспарентност во работата на местата за богослужба и начинот на нивното финансирање.
Посебен пакет мерки се однесува на семејството: борба против полигамијата и присилните бракови…
Претседателот Емануел Макрон и неговата влада сакаат да го спречат влијанието на радикалното толкување на исламот врз младите и ранливите луѓе во некои џамии, преку Интернет и околу училиштата.
Макрон го објави новиот закон во октомври по серијата напади во кои беа убиени над 265 лица од 2015 година.
Премиерот Жан Кастекс редовно истакнуваше дека законот не е насочен против религијата, но критичарите негодуваат што текстот содржи елементи што ставаат дел од муслиманското население во неповолна положба.
„Никогаш нема да го изедначиме радикалниот исламизам со муслиманите и веруваме дека муслиманите се меѓу првите жртви на таа идеологија“, рече Кастекс минатата година во интервју за „Ле Монд“.






