Францускиот претседател Емануел Макрон со еден потег ја претвори Франција во „буре барут“, а се закануваат и масовни немири. Премиерката Елизабет Бурн почна специјална процедура за усвојување на непопуларниот предлог-закон за пензиските реформи во Националното собрание без гласање, среде извици и скандирања од пратеници од левицата кои вееја транспаренти против пензиските реформи.

Користејќи го таканаречениот член 49.3 од Уставот, усвојувањето на нацрт-законот за зголемување на старосната граница за пензионирање за две години на 64 е обезбедено, но тоа покажува дека претседателот Емануел Макрон и неговата влада не успеале да обезбедат доволно мнозинство во парламентот, објави Ројтерс.
Според овој член од уставот, Владата има право да донесе закон без гласање во парламентот доколку претседателот нема поддршка од мнозинството пратеници.
Претходно денеска, Макрон доби одобрение од Сенатот за неговата контроверзна пензиска реформа.
Сенатот во кој доминираа конзервативците ја одобри реформата со 193 гласа „за“ и 114 „против“.
Долниот дом на Националното собрание денеска требаше да гласа за предлогот за реформа на пензискиот систем, но исходот од гласањето се очекуваше да биде неизвесен.
Лидерката на крајната десница Марин Ле Пен рече дека премиерката треба да се повлече. Лидерот на социјалистите Оливие Фор изјави дека таквиот потег може да поттикне неконтролиран гнев по неколкунеделни штрајкови и протести. Опозициските партии најверојатно ќе бараат гласање за доверба на владата, но тоа веројатно нема да помине со оглед на тоа што повеќето конзервативни пратеници ја поддржуваат владата.





