Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Ернандез, во писмен одговор на Гласот на Америка на српски јазик, во врска со текстот на агенцијата Ројтерс, во кој се наведува дека во ЕУ нема согласност за членството на шесте земји од Западен Балкан, вели дека европската комисија е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Албанија и Македонија.
Портпаролката на Европската комисија наведува и дека „политиката на проширување е стратешка инвестиција во стабилност и сигурност на ЕУ, како и тоа дека лидерите на ЕУ повеќе пати досега повториле, вклучително и за последниот самит во Загреб, дека се недвосмислено посветени на европската перспектива.
Државната агенција МИА јавува дека повеќе дипломати тврдат дека текстот на Ројтерс „е попесимистички од реалноста“.
Објавата на Ројтерс всушност се однесува на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ која се одржала на 15 септември објаснуваат за МИА неколку дипломатски претставништва на ЕУ во Брисел.
Додека првата верзија од Декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“, неколку земји членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.
Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“, јавува дописничката на МИА од Брисел.






