Формирањето армија на Косово е крајно неодговорно, порача Русија

Русија го смета формирањето армија на Косово како крајно неодговорен чекор во однос на безбедноста во регионот, соопшти портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.



„Според најновите извештаи, американскиот и турскиот контингент на КФОР во воената база ‘Бондстил’ ја кршат резолуцијата 1244 за мандатот на КФОР, помагајќи им на властите во Приштина во создавањето целосно оформена армија. Ова се прави преку специјалната обука на вработените во Косовски безбедносни сили, чија главна задача е да реагираат во итни случаи.

Како и досега, од ова заклучуваме дека формирањето армија на Косово го крши меѓународното право, бидејќи е во спротивност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Овој документ овозможува воено присуство во регионот исклучиво врз основа на мандатот на Советот за безбедност на ОН – имено, косовските сили сега се составени главно од контингенти од земјите-членки на НАТО.

Покрај тоа, таков чекор би бил крајно неодговорен во однос на безбедноста во регионот и на европскиот континент како целина. Појавата на нова воена компонента на Балканот во лицето на оружените сили на Косово би било спротивно на Договорот од Фиренца (член 4 од анексот 1Б од Дејтонски договор за Босна и Херцеговина, одобрен од страна на Резолуцијата 1031 на Совет за безбедност на ОН), кој е дизајниран да се одржи стабилноста на регионот со помош на ОБСЕ. Би излегло дека на територијата на еден од учесниците на Договорот од Фиренца – Србија – се појавиле армиски структури надвор од контрола на националните власти“, изјави Захарова на денешниот редовен брифинг во Министерство за надворешни работи на Руска Федерација.